Во грчкото списание „Енкен“ објавен расказот „Наредното евангелие“ на Томислав Османли

Авторот на книгата, Томислав Османли | Фото: лична архива

Во најновиот број на Ревијата за култура и уметност, списанието „Енкен“ од Солун е објавен новиот расказ на македонскиот писател Томислав Османли, „Наредното евангелие“.

Во своето ново прозно дело Томислав книжевно ја прекршува најактуелната тема, пандемијата со која сѐ уште трагично се соочува човештвото. Расказот е опишан како впечатлив, каде феноменот-пандемијата што ја живееме е доловена како нова драма на човечката цивилизација и во оваа кратка, густа и стежната проза е метафора за накажувањето поради отуѓувањето од основните човечки вредности – солидароноста, социјалната одговорност и сочувственост со другиот, поради профитерскиот егоизам на моќните и на повластените во новото, протекционистичко масовно општество.

Прозата е пишувана со библиски израз каде есхатолошката визија зборува за човечкото општество што е соочено со глобалното отуѓување. Според авторот, општествената поделеност и егоизам се повод за социјалните дистанцирања во денешницата од затворања, самоизолации, осамувања, при што новата реалност се држи на истенчените конци од сочувственоста. Со зборови на горчлива иронија, авторот сочувственоста му ја препишува единствено на бога, која како таква се заканува да стане неизустена катастрофа на светот.

Овој парадигматичен расказ напишан минатата година при трагичните кулминации на првиот бран од пандемијата, до сега го објавија неколку регионални медиуми,  хрватскиот портал Kultura.hr, српскиот Sinhro.rs, босанско-херцеговскиот Astronaut.ba На македонски јазик „Наредното евангелие“ е објавен во „ЛИК“ и прилогот за култура и уметност на „Нова Македонија“

Грчкото списание „Енекен“ по трет пат објавува книжевен текст на Османли. Беше објавен грчкиот препев на песната „Љубов“ со која македонскиот автор победи на првиот конкурс „Angelo LaVecchia-Анте Поповски“ во 2019 година во Италија. Една од претходните објави го проследи авторскиот портрет низ претставувањето на прозната збирка „Светилка за Ханука“ на 13-от Меѓународен саем на книгата во Солун.  

Томислав Османли е роден во Битола во 1956 година. Тој е македонски сценарист, драматург, теоретичар на медиумите, писател, критичар, новинар и есеист. Во неговиот творечки опус влегуваат повеќе од 20 книги, бројни раскази и есеи објавени во домашни и странски списанија, книжевни творби и есеи во периодика како и сценски проекти и пиеси. Неговите долгометражни играни сценарија се наградувани и селектирани во поголем број меѓународни филмски фестивали. Османли е добитник на над 15 награди во областа на новинарството, сценариската и драматуршката уметност и критичката дејност за своите влијателни и трајни дела дел од неговото творештво.