Извор на фотографија: Фејсбук страница на Коалиција МАРГИНИ

Под мотото „Црвениот фустан добро ми прилега“ во Градскиот парк во Скопје беше одбележан Меѓународниот ден на сексуалните работници 2 Јуни, во организација на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, со партнерските организации од Платформата за декриминализација на сексуалната работа, Здружение за поддршка на маргинализирани работници STAR – The First Sex Workers Collective in the Balkans и Коалиција МАРГИНИ.

На денешниот настан присуствуваа сексуални работници, нивни пријатели, поддржувачи и активисти кои испратија барања за унапредување на човековите права на сексуалните работници преку декриминализација на сексуалната работа.

„Декриминализацијата на сексуалната работа е клучно барање на сексуалните работници, нивните поддржувачи и здруженија. Декриминализацијата е единствен модел кој ќе овозможи почитување на човековите права на сексуалните работници, унапреден пристап до здравствени и социјални услуги, како и вклучување на сексуалната работа во формалната економија со што овие работници конечно ќе добијат работнички права. Од декриминализацијата на сексуалната работа има бенефити целото општество, особено кон превенција од родово засновано насилство, превенција од сиромаштија, социјална нееднаквост како и трговија со луѓе. Моделот на декриминализација на Нов Зеланд го сметаме за најуспешен, според кој треба да се ревидираат политиките кои ја уредуваат сексуалната работа во Р.С. Македонија“, изјави Драгана Дрндаревска од Коалиција МАРГИНИ.

Јагода Митева, активистка од STAR – The First Sex Workers Collective in the Balkans рече дека зЗаедницата на сексуални работници бара признавање на сексуалната работа како професија по слободен избор, со што таа ќе стане дел од пазарот на трудот, а сексуалните работници ќе бидат препознаени како работници. Со тоа, оваа заедница ќе може непречено да обезбедува егзистенција за себе и за своите семејства, но и да ги исполнува своите граѓански обврски и должности кон државата.

„Сексуалните работници бараат професионален, еднаков и правичен третман од страна на здравствените работници, социјалните работници, полициските службеници и останатите институциите при остварување на своите права од здравствената, социјалната и правната заштита. Од особена важност за сексуалните работници е унапредување на системот за превенција и санкционирање на секаков вид насилство или злоупотреба на службена положба, подобрување на пристапот при постапување со сексуалните работници кои се жртви на семејно или сексуално насилство, како и континуирано подигање на свеста за сексуалната работа, намалување на стигмата, предрасудите и дискриминацијата од страна на јавните даватели на услуги и сервиси“, изјави активистката Јагода Митева.