Секојдневната анализа на Министерството за труд и социјална полтитика, покажува дека во градинките постојат запишани деца, меѓутоа нивните родители не ги носат. Дополнително следејќи ја состојбата на дневно ниво, имаме сознанија дека сè уште има слободни места во градинките, изјави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на денешната прес-конференција.

„Направена е последна анализа на 2 септември пред отворање на градинките согласно протоколот за заштита и сведување ризикот за инфекција на децата на минимум и врз основа на тој протокол, слободни се 19.000 места. Интерес за сместување во градинки изразиле 14.555 родители. Капацитетите не се исполнети. Испратен е допис до градинките да ги контактираат родителите коишто ги запишале децата и да проверат дали тие ќе ги носат децата или само го чуваат местото, кое во случајов им е неопходно на семејствата каде што двајцата родители се вработени или пак, станува збор за самохрани родители“ истакна министерката.

Од друга страна, како што рече таа, доколку се јави недостиг на места, МТСП се повикува на заклучокот на Владата, со што им се препорачува на општините како основачи на градинките согласно правилникот за нормативи и мерки за безбедно сместување на децата, доколку имаат потреба, да обезбедат дополнителни алтернативни решенија за сместување на децата.

Министерката уверува дека ситуацијата секојдневно будно се следи и согласно епидемиолошката слика, како и ставовите на надлежните институции ќе се носат одлуките, односно дали ќе дојде до повторно затворање на градинките.

Освен за градинките, министерката се осврна и на прашањето за возраста на пензионирање. Како што најави таа законските измени за пензионирање влегуваат во процедура и работниците кои наполниле 64, односно 62 години, според предлогот, задолжително ќе одат во пензија. Овој предлог ќе се однесува само за јавниот, но не и за приватниот сектор. Шахпаска рече дека ова нема да важи за здравствените работници и соработници, како и најверојатно за универзитетските професори.