Во гимназиско образование, во двата рока за упис во средно училиште, се запишале 4.653 ученици, а во средно стручно се запишале 10.823 ученици, инфрмираат во Министерството за образование и наука (МОН).
Во првото пријавување, кое се реализираше со електронско аплицирање од 12 до 15 јуни, а доставувањето на потребната документација се одвиваше од 16 до 17 јуни, вкупно се пријавиле 15.075 ученици. По направената селекција во уметничкото образование, се запишале 13.423 ученици. Од нив, 9.839 ученици се запишале на настава на македонски наставен јазик, 3.357 на албански, 213 на турски и 14 ученици на српски наставен јазик.
Во второто пријавување, кое се одржа на 23 јуни, а доставувањето на документацијата беше на 24 јуни вкупно се пријавиле 2.927 ученици. Од нив, 1.457 се пријавиле за настава на македонски наставен јазик, 1.369 на албански и 101 ученик на турски наставен јазик.
По првите два уписни рока, во средните училишта низ државата се пријавиле вкупно 18.002 ученици, од кои 13.423 се веќе запишани по првото пријавување, а резултатите од второто пријавување ќе бидат целосно финализирани откако ќе заврши процесот на селекција во уметничкото образование.
Деветтоодделенците и годинава електронски се пријавуваа за упис во средно образование за учебната 2026/2027 година. Согласно конкурсот, пријавувањето се одвиваше преку порталот uslugi.gov.mk, со корисничките имиња на schools.mk, каде што учениците требаше да ги прикачат скенирани или фотографирани документите за упис, односно свидетелствата од 6 до 9 одделение, додатоците на свидетелства како и извод од матична книга на родени.
Како и изминатите две години и овојпат и покрај електронското пријавување, учениците мораа и физички да ги достават оригиналните хартиени документи во училиштата во кои аплицираат. Ова значи дека надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) не успеаа годинава целосно да го дигитализираат процесот на пријавување, иако минатата голдина лани имаше најави дека се прават напори во врска со тоа.
