Во време кога Северна Македонија се соочува со енергетската криза, младите во Струга се активираа за промоција на еколошки решенија за намалување на енергетската зависност. Тие вчера беа дел од акција за подигање на свеста која ги мотивира младите што повеќе да го употребуваат велосипедот како еден идеален начин кон еколошка иднина. Оваа акција исто така имаше и информативна цел за финансиската помош со која ЕУ ја поддржува РСМ за справување со енергетската криза и за инвестиции во обновливи и одржливи извори на енергија, пишува Порталб.мк.
„Ова е информативна акција и за подигање на свеста со група млади луѓе. Доброволната акција е моја иницијатива како активистка и млада европска амбасадорка за подигање на свеста кај младите дека тие можат да играат клучна улога за една поеколошка иднина. Сите ние моментално се соочуваме со тешка енергетска криза и време е да сфатиме дека е многу важно да се намали енергетската зависност. Во овој случај, користењето на велосипедите како еколошко решение е најдобриот пример кој може да се промовира во градот Струга. Впрочем, преку ова решение не само што ја намалуваме емисијата на штетни материи во воздухот, туку влијаеме во намалување на сообраќајниот хаос во градот и несомнено му правиме голема услуга на нашето здравје“, изјави Шефкије А. Дика.
Акцијата ја поддржаа и други стружани кои се пример во општеството кога станува збор за користење на велосипедот како средство за транспорт, но и како хоби.
„Како човек чиј најдобар пријател е велосипедот и како член на раководството на велосипедскиот клуб „Струшки орли“, силно ја поддржувам секоја иницијатива насочена кон промоција на велосипедот како еколошко решение. Со користење на велосипедот ние правиме нешто многу добро за природата, но уште подобро за нашето здравје, за нашето време, па дури и за нашиот џеб“, изјави Шкелзен Ајрулаи.
Од друга страна, средношколците се ентузијасти и сметаат дека во нашето општество има потреба за информирање и мотивирање на младите за спроведување на еколошките мерки.
„Иако сме само средношколци и ние ја чувствуваме енергетската криза со која се соочуваме. Исклучувањето на светлата кога не сме дома или користењето на ЛЕД светилки не е доволно. Среќна сум што денес заедно со моите врсници дадовме убав пример како можеме да бидеме поеколошки“, изјави средношколката Бленда.
За справување со енергетската криза, ЕУ обезбеди финансиска помош во вредност од 80 милиони евра за Северна Македонија, како директна помош во буџетот за намалување на финансискиот товар предизвикан од високата цена на енергенсите за загрозените семејства, бизниси и институции. Исто така, ЕУ ја поддржува зелената транзиција на земјата преку инвестирање во еколошки извори на енергија.
Целите на економскиот пакет за справување со енергетската криза се: помош за социјално загрозените семејства, поддршка на потрошувачите на електрична енергија во училиштата и болниците, како и намалување на енергетската зависност. Со финансиска помош од ЕУ, предвидени се и инвестиции во одржливи и обновливи извори на енергија, мерки за поголема енергетска ефикасност и имплементација на еколошки решенија. Клучни инвестиции за справување со енергетската криза се: паркот на ветерни електрани „Богданци“ и пуштањето во употреба на шест хидроцентрали.