Во четврток шесто издание на глобалниот настан „Ноќ на идеите“ на тема пандемијата со ковид-19

Фото: Француски интитут во Скопје

В четврток, 28 јануари, со почеток во 17 часот на платформата Зум ќе се одржи шестото издание на меѓународната манифестација „Ноќ на идеите“ на која преку онлајн дебата на тема „Дигитална ера: Толку далеку, а толку блиску – Новите навики по пандемијата“, ќе учествува и Францускиот институт во Скопје во соработка со Акцелераторот на УКИМ.

„Во фокус на изданието во 2021 година ќе биде пандемијата со ковид-19. Во време кога санитарната криза нè принудува да го редефинираме нашиот однос кон животната средина и воедно ги доведува во прашање иднината на економијата во идното општество, Ноќта на идеите нè повикува, повеќе од кога било, на колективна размисла за светот по пандемијата на ковид-19“, велат од Францускиот институт во Скопје.

Учество на овогодишната „Ноќ на идеите“ ќе земат: Сања Фрковиќ-Гелевска од Делегацијата на ЕУ, Оливје Крузе, педагошки директор на реномираната Француска школа 42, пpоф. д-р Владимир Давчев од Филозофскиот факултет во Скопје и Филип Петровски од компанијата Дата Мастерс.

Настанот ќе го отвори директорот на Францускиот институт во Скопје, Емануел Рембер, а модератор ќе биде Александар Стамболиев, директор на Акцелераторот УКИМ.

За настанот ќе биде обезбеден симултан превод, а сите заинтересирани потребно е да се регистрираат на овој линк.