Во четврток промоција на романот „Анатомија на бумбарот“ од Стефан Марковски

Фото: Фејсбук настан за промоција на книгата

Во Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, во четврток од 19 часот, ќе биде промовиран третиот роман на Стефан Марковски, еден од највлијателните писатели во македонската современа книжевност.

„Во романот, чие македонско издание е објавено од „Паблишер“, се дефинира енергична и психолошки силна приказна каде се претопуваат елементи на гротеска, хумор и егзистенцијалистичко преиспитување. Во наративот, како што во поговорот пишува Александар Прокопиев, прогресира една примамлива, куриозитетна, откачена, убаво и сочно раскажана приказна раслоена во делови кои во себе носат и гнев и пркос, од една, и хумор и гротеска од друга страна. Романот покренува внатрешна револуција во секој кој ќе го чита, наметнувајќи повеќе егзистенцијалистички прашања и преиспитување на животот во потрагата по сопственото место во него.
Раскажана од две перспективи – машка и женска, оваа приказна е мозаична сложувалка во која на крајот ќе се состават сите делчиња“, се вели во најавата за промоцијата.

„Анатомија на бумбарот“ на Марковски беше објавен на англиски јазик како „The Bumblebee Anatomy“ и достапен во електронска и печатена верзија на платформата „Амазон”, каде годинава достигна и рекордно прво место во категоријата Источноевропска литература за Киндл изданијата.

Стефан Марковски е македонски писател, поет, сценарист и филозоф. Тој има дипломирано на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“, како и на Институтот за Филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирал Филмско и ТВ сценарио на Факултетот за драмски уметности.

Покрај оваа, досега има напишано две книжевни прозни дела, „Еднонасочно“ и „Еретички писма или наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“, 2018. Автор е на драмата „Мајстори за огледала“, а има пишувано и објавувано збирки поезија; „За некои спомени од онаа некогашност“, 2010; „Апеирон“, 2010; „In Nomine“, 2016; „Сиво сјаат вселените“, 2016; „По трагата на белиот грифон“, 2018 и „Хипербог“, 2019, за кои има добивано национални признанија и награди.

Неговите романи „Еретички писма или наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ и „Анатомија на бумбарот“, како и збирката раскази „Фауст го трча плебејскиот круг“ се исто така објавени на англиски јазик и достапни на голем број меѓународни книжевни платформи.

Покрај своето книжевно творештво, Марковски е автор на трудови, меѓу кои и на пионерски прегледен труд од областа на неврофилозофијата, насловен „Улогата и влијанието на неврофилозофијата врз современите когнитивистички и физиолошки парадигми за свеста“, објавен во 2018 година, како и „Вештачката интелигенција и можноста за програма-генератор на текстови на македонски литературен јазик“, студија која ги анализира можностите за развивање оперативна вештачка интелигенција на македонски јазик.

Тој е главен и одговорен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“.