Во четврток промоција на пет реобјавени дела на Блаже Конески

Фото: Арс Ламина публикации

Во чест на стогодишнината од раѓањето на великанот на македонската книжевност Блаже Конески, издавачката куќа „Арс Ламина“ реобјавува пет негови значајни дела. По овој повод, во четврток на 16 декември со почеток во 19:00 часот во фоајето на Националната опера и балет ќе се одржи настан: „Сто години од раѓањето на Блаже Конески: Песна од копнеж и песна од мака“.

Станува збор за стихозбирките „Везилка“, „Црква“, „Црн овен“ и двотомниот избор од творештвото на Конески: „Збор и опит 1“ и „Збор и опит 2“, кои се со нови предговори и поговори, напишани од еминентни книжевници и професори.

Јубилејното чествување е предвидено како свеченост, на која како говорници ќе присуствуваат и ќе се обратат авторите на предговорите и поговорите, меѓу кои се академик Влада Урошевиќ, проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, проф. д-р Зоран Анчевски, проф. д-р Иван Џепароски и проф. д-р Димитар Пандев.

По нив ќе следи рецитал на избор песни од Конески кои ќе ги чита актерот Ѓорѓи Јолевски, а најавена е и проекција на видео кое е специјално снимено по повод јубилејот.

Модератори на настанот ќе бидат Бисера Бендевска и Ведран Диздаревиќ кои се уредници на петте книги. Овие книги се дел од едицијата Македонски книжевни класици во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Повторно објавените дела од Блаже Конески ќе бидат достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, а ќе можат да се набават и на промотивниот настан во Националната опера и балет.