Во четврток концерти на „Стој, После!“ и „Кантон6“ во Скопје

Фото: ПМГ Џез

Македонската дискографска куќа ПМГ Џез најавува богата музичка година со изданија, концерти, промоции и годинешното издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“.

Програмата ја започнува овој четврток, (14 април) со концертите на „Стој, После!“ и „Кантон6“ во барот МАККА во Скопје.

Во музичкиот состав на „Стој, После!“ влегува младиот и талентиран Мартин Џорлев што првиот албум го реализира со Андреј Димовски. Станува збор за извонредно богат и експериментален албум составен од четири делови: доживување/дознавање, сеќавање/истражување, шум шума загуба и псалм, а наречен е „Умре ти, се родив јас“ и достапен е за слушање на Јутјуб каналот на составот.

Андреј и Мартин заедно свират и во еден од најветувачките млади македонски бендови, „Луфтанза“, а Џорлев е дел и од составот на инструменталниот бенд „Зулу 3.4“.

Другиот колектив што ќе има свој настап во четврток е добро познатиот, како во домашен, така и во регионален контекст, електро-етно-џез групата, „Катнон6“.

„Во состав на веќе признатите музичари и културни дејци Мирко Попов, Синиша Евтимов и Владан Дробицки ќе можете да слушнете дел од композициите кои се најдоа на последниот студиски албум „Јazzus”, кој музички не води низ различни мистични, епски и историски трансформации и доживувања поврзани со вистината за настанокот на џезот и неговата 500.000 годишно постоење како македонска традиционална музика. Авантура која ве повикува на танци и која не смеете да си дозволите да ја пропуштите“, стои во најавата за концертот.

Концертите ќе започнат во 21 часот, а влезот е бесплатен.