Швајцарската компанија „Баумер“ денеска го отпочна производството во својата нова фабрика изградена во индустриската зона „Бунарџик 1“ во Скопје. Инвеститорот ќе вложи 4,7 милиони евра во нивниот погон, а во првата фаза ќе вработи 150 лица, информираат од владината прес – служба.

Компанијата „Баумер“ од Швајцарија е една од светски најпознатите производители на сензори, инструменти за мерење, испитување и навигација, кои се употребуваат во автомобилската индустрија, медицината, авио-индустријата, кај мобилните уреди, во градежниот сектор и во други области.

– Станува збор за компанија која е синоним за квалитет, компетентност и   софистицирани производи и решенија кои ги исполнуваат највисоките технолошки стандарди и сигурно ги задоволуваат потребите на клиентот во секое време“, истакна премиерот Заев, којшто присуствуваше на денешното пуштање во употреба на новата фабрика.

Во својот говор, премиерот Заев ја издвоил како особено значајна и развојната компонента во бизнис-планот на компанијата, која планира изградба на нова зграда за проширување на производството и оформување на центар за истражување и развој со што во фабриката „Баумер“ во земјава ќе се отворат можности за дополнителни 500 работни места.

Швајцарската компанија „Баумер“ има вработено 2.500 лица низ целиот свет, вклучувајќи во својата листа вкупно 38 компании и подружници во 19 земји низ светот.