Извор на фотографија: Влада на РСМ

Во 7 часот утринава започнаа првите парламентарни избори во време на пандемија во Бугарија, на кои 6.895 кандидати од 30 партии и коалиции се борат за 240 места во бугарскиот парламент.

Право на глас имааат 6.732.316 лица. Граѓаните својот глас ќе го дадат на 11.983 гласачки места, а во 9.398 од нив ќе може да се гласа машински.

Бугарскиот премиер Борисот рече дека ова се најскапите избори досега во Бугарија, бидејќи речиси 25 милиони евра беа наменети за набавка на вакцини, а исто толку и за машинско гласање.

„Деветте илјади гласачки машини беа земени за бугарските граѓани да можат да гласаат на фер и транспарентни избори”, категоричен е Борисов.

Според него, парламентарните избори во Бугарија ќе чинат над 75 милиони евра.

Ова е втор изборен циклус во Бугарија на кој може да се гласа машински. Постојат 409 подвижни оддели за лица со попреченост, а исто така, ќе има и оддели на одделенијата во ковид болниците.

Меѓу другото, Борисов на својот Фејсбук профил напиша дека гласањето можело да се спроведе идната недела кога ќе се намалел бројот на заразени лица со ковид-19.

„Претседателот Радев за инат ги закажа изборите за денеска. Гласањето можеше да се спроведе идната недела кога ќе имаме помалку заболени пациенти. Секој ден расте бројот на вакцинирани лица и сега е над половина милион. На пат сме да излеземе од третиот бран на корона вирусот“ напиша Борисов.

Анкетите и предвидувањата се дека владејачката ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов и во новиот состав ќе биде најбројната партија во парламентот, меѓутоа аналитичарите предвидуваат дека стравот од ковид-19, пред сè кај повозрасните гласачи, може да влијае на одлуката дали да се излезе на гласање или не, што, пак, би можело да влијае на исходот.

Гласањето на изборите ќе заврши во 20 часот по локално време.