Официјална Софија во текот на ноќта објави дека се регистрирани нови 16 случаи со новиот корона вирус, а утрово не се регистрирани нови случаи. Бројката на нови случаи расте и во светот.

Парламентот на Бугарија денеска објави вонредна состојба која ќе трае до 13 април.

Во случаите од ноќеска има и три деца на 4, 7 и 11-годишна возраст. На две од децата родителите им се исто така позитивни на новиот корона вирусот и се во болница, објави генерал мајор Венцислав Мутафчиски, началник на Националниот оперативен штаб.

Децата засега немаат симптоми.

Новите 16 случаи се претежно од Софија и од областа Монтана, и се поврзани со првите случаи што беа хоспитализирани во болницата „Пирогов“.

Во оваа болница почина една 66-годишна жена, а нејзините роднини не може да ја погребаат, оти 11 члена на семејството се во карантин, како позитивни на корона вирусот. Телото на жената ќе биде соодветно чувано, за погребот да се изврши откако роднините ќе излезат од карантин. Уште еден член на семејството е во „Пирогов“ во многу тешка состојба. Заразата во семејството се раширила на една семејна прослава во градот Лом, на која присуствувале вкупно 24 луѓе. Таму била и жена што се вратила од Италија и била позитивна на корона вирусот, но никого не известила и не презела мерки да не ја пренесе заразата.

Во Словенија бројот на нови случаи со корона вирус за едно деноноќие порасна за 42, во Хрватска за 8, Србија за 6, Романија за 15, Грција за 12. Едно лице починало вчера во Албанија.

Освен Кина, најзагрозена со новиот корона вирус е Италија, со 15.000 случаи на корона вирус, Иран е втор со 10.000 случаи, Јужна Кореја има 8.000.

Во Шпанија позитивни на корона вирусот се над 3.000, Франција 2.800, Германија 2.700, САД 1.700, Швајцарија 868.

Во Кина за едно деноноќие се регистрирани само 21 нов случај, што е најниска бројка откако почна епидемијата непосредно пред Нова година.