Фото: Арбнора Мемети

Министерството за здравство информира дека на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 1.285 пациенти заболени од ковид-19 и во моментов има околу 120 празни болнички кревети во ковид центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 826 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Во болницата во Битола се хоспитализирани 74 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 56 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 43 пациенти, во Велес се лекуваат 70 болни, а во Куманово 106 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 105 пациенти, во Прилеп 116, во ковид центарот во Гостивар 47, а во Струга 31 заболен. Во болницата во Струмица хоспитализиран е 91 пациент, во Кочани 21, во Кичево 18, во Кавадарци 39, а во Гевгелија 9 лица позитивни на корона вирусот.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализирани се 65 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 459 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 26 пациенти, на Клиниката за неврологија има 36 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 52 пациенти со симптоми на корона вирусот, на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 24 лица, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 25 пациенти, а на Клиниката за очни болести еден пациент.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 100 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 155 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 40 пациенти, од кои 9 деца и 31 возрасни.

Голем дел од пациентите во болниците се на кислородна поддршка. И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден во Скопје, утрово до 8 часот имало 40-тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.

Од утрово ковид одделенијата во Скопје се проширени за дополнителни 43 кревети кои ќе бидат ставени во функција на пациентите суспектни и потврдени за ковид-19. Од 8 часот почна да работи ковид одделението на Клиниката за очни болести со капацитет од 23 кревети, а ковид центарот во ГОБ 8 Септември е проширен за 20 нови места и капацитетот од досегашните 80 се зголемува на 100 болнички кревети.

Министерот за здравство Венко Филипче утрово направи обиколка низ интерните клиники во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Тој го посети и ново отворениот ковид центар на Клиниката за очни болести, кој од утрово почна со работа. Филипче информираше дека следен чекор е зголемување на болничките капацитети со 50 легла за ковид пациенти и на Клиниката за уво, нос и грло.