Во Битола се отвори Младински центар – катче за собирање и едукација на младите

Програмските активности во кои ќе можат да се вклучат младите се на различни теми како: екологија, младинско учество, волонтеризам, рекреација и спорт, креативно изразување, личен раст и развој, претприемништво и интернационални можности за неформално образование

Извор на фотографија: Младински центар Битола

Минатата недела во Битола беше отворен Младински центар, кој ќе овозможи функционална поддршка на личниот и социјален развој на младите, како и овозможување место за подобро разбирање на функционирањето на заедницата и општеството. Во овој центар младите ќе може да се собираат, учат и растат преку реализација на програмски активности во кои тие ќе може да се вклучат.

Програмските активности во кои ќе можат да се вклучат младите се на различни теми како: екологија, младинско учество, волонтеризам, рекреација и спорт, креативно изразување, личен раст и развој, претприемништво и интернационални можности за неформално образование.

Локација на младинскиот центар е поранешниот ‘Бизнис инкубатор’ во МЗ „Велко Влаховиќ“ на ул. „Крушево“ бр.5, а неговата работа е координирана од двајца младински работници. Центарот е поддржан од Општина Битола со овозможување на простор и мал буџет за негово функционирање, при што во наредните пет години тој ќе биде раководен од Сфера Интернешнал, ИМКА и МКЦ Битола.

На отворањето на центарот присуствуваше битолскиот градоначалник Тони Коњановски, кој посочи дека со поддршка на општината тој ќе прерасне во голема и квалитетна институција која ќе ги опслужува младите.

Драгана Мирковиќ од Сојузот за младински работи која нагласи дека ова е шести по ред ваков Центар кој се отвора во нашата држава и ги пофали сите заслужни за постигнувањето на оваа цел.