fbpx

Во Битола се одбележа 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи

-

Во Битола денеска се одржа комеморација по повод одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, што се одржа во Офицерскиот дом во Битола, информираат од Министерството за култура.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање истакна дека на 11 март, битолчани секогаш ја наведнуваат главата од почит кон своите 3.350 жители, македонски Евреи, за никогаш да не се повтори.

„И денеска, ќе бидеме дел од Поворката на живите, минувајќи го молкум патот што го врвеа оние што не се вратија. На пругата ќе оставиме каменчиња како симбол на вечно паметење и молитва за почит кон оние што неповратно беа одведени. Зашто драгите луѓе никогаш не ги погребуваме, нив ги испраќаме. Нека им е вечен споменот“, изјави министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека Битола никогаш нема да го заборави тоа злокобно мартовско утро пред 80 години, кога за последен пат 973 еврејски семејства го пречекорија прагот од своите домови. Истиот ден, со 14 сточни вагони почнала депортацијата на битолските Евреи. Првата станица бил логорот кај Скопскиот монопол. Следната и последна – Треблинка.

„Денеска не им судиме на злосторниците и на нивните слуги“, рече министерката за култура, туку денеска го чуваме од заборав нивното злосторство, за никогаш да не се повтори.

„Споменот за направеното злосторство е најголемиот кошмар за злосторниците и за нивните поколенија“, изјави таа.

„Ќе му оддадемe почит на доктор Хаим Абраванел, првиот лекар специјалист кој Битола го памети како врвен професионалец и голем човек, човек кој го подигна Здравствениот дом во Битола. Денеска ќе ѝ оддадеме почит и на храбрата Естреја Овадија, со партизанско име Мара. Загинала на неполни 22 години бранејќи ја својата Македонија од фашистичкиот окупатор. Прогласена е за народен херој. Естреја била една од стотиците македонски Евреи кои им се приклучиле на партизанските одреди“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека и покрај сите материјални сведоштва, некои и по 8 децении го негираат Холокаустот, „затоа ним и денеска од антифашистичка Битола ќе им порачаме ‘никогаш повеќе’“.

По завршувањето на комеморативната програма, беше положено цвеќе пред Споменикот на жртвите на холокаустот од Битола – Здравствен дом „Хаим Абраванел“, од каде што тргна и Поворката на живите, сѐ до Железничката станица, по истиот пат од каде беа депортирани битолските Евреи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...