Двете мерни станици кои ги мерат загадувачките ПМ10 честички во воздухот во Битола не работат – Битола 1 од 16 јуни, а Битола 2 од 18 март годинава.

Според официјалниот допис од Министерството за животна средина и просторно планирање од јуни, во одговор на барањето за информација од јавен карактер од Платформата „Земи Здив“ од Битола, за причините зошто не работи мерната станица Битола 2, стои дека на 18 март 2019 година мерењата на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките на мерната станица Битола 2 биле „оневозможени поради комплексен дефект на инструментот“ и дека производителот, австриската фирма „Грим Аеросол Техник“ заедно со својот застапник на овие простори, белградската фирма „Мизма Игбос“, превзел обврска на свој трошок да изврши сервисирање и калибрација на овие инструменти.

Меѓутоа, во одговорот што министерството го даде на прашањата од Мета.мк за истите мерни станици, кои веќе со месеци не го мерат аерозагадувањето во Битола, стои дека се работи за „редовно калибрирање на мерните инструменти, а не за дефект“.

„Инструментите за мерење на РМ10 и РМ2,5 од мониторинг станиците Куманово, Tетово, Битола 2 и Мобилната станица на 21 јуни 2019 година се испратени на калибрација во калибрациона лабораторија во Виена. Се очекува инструментите да бидат вратени и вклучени во системот во текот на месец август 2019 година, а со тоа и резултатите од мерењата на РМ10 и РМ2,5 ќе бидат достапни за јавноста на порталот за квалитет на воздух“, се вели во одговорот на Министерството за Мета.мк.

Како што веќе пишувавме, речиси една година мерните инструменти за PM10 на клучни, најзагадени точки во државата се исклучени и не враќаат податоци. Во Скопје, мерните инструменти за PM10 во Скопје, кај Гази Баба и Лисиче не работат од јули, односно август и октомври 2018, симптоматично, веднаш по редовното годишно калибрирање и откако покажаа енормно загадување во летни услови, а ист е случајот и со Велес. Нови инструменти за мерење на PM2.5 нема.

Од пред некоја недела и мерната станица во Карпош доживеа комплетен колапс. Со месеци не функционираат Битола 1 и 2, Тетово, Кавадарци, Кичево.

Според Планот за чист воздух, усвоен од страна на Владата на крајот на минатата година, како прва од петте приоритетни компоненти за справување со изворите на загадување беше утврдено дека ќе биде: „Мониторинг – комплетна замена на сите инструменти во 18 мониторинг станиците и примена на современи математички модели за моделирање и соодветно предвидување на аерозагадувањето“.

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули за „Мета“ тогаш изјави дека „во 2019 година дел-набавката на комплетно нови инструменти ќе биде направена брзо на почетокот на 2019 година“.

Иако е веќе август 2019, мерните инструменти изгледа сè уште се на пат за Македонија.

Според невладините еколошки здруженија, се работи за несериозен однос на државата кон проблемот со аерозагадувањето. Повеќемесечното исклучување на мерните инструменти од мрежата на мерните станици поради дефект или калибрирање, што и да е вистинската причина прават дупка во мерењата поради кои нема релевантни податоци на годишно ниво.

-Со овој неколку месечен недостаток на мерења нема да можеме да направиме реална проценка на состојбата на воздухот во текот на 2019 година. За овие пропусти цениме дека некој треба да преземе одговорност и бараме итно мерните станици да се стават на употреба според потребните параметри -вели Аријанит Џафери од здружението Еко-Герила од Тетово.

Тој потсетува дека мерните станици во Тетово и во другите градови не работат од пролет, а дека доцнењата зборуваат за несериозноста и неможноста на планирање на ваквите сервиси на време од страна на надлежните.

-Според прописите на Европска Унија мерењето на квалитетот на воздухот треба да го направат независни тела од државата со што ќе се создаде поголема доверба и транспарентност во точноста на мерењата – сугерира Џафери.

Недозволиво е нефункционирање на мерни инструменти, посебно на толку многу мерни места, смета Невена Георгиевска од О2 Иницијативата.

-Тоа се само бледи изговори за неспособноста да менаџираат државен мониторинг-систем за квалитет на воздух. Нас како граѓани воопшто не треба да нè интересира кој мерен инструмент е на калибрација или дека ЌЕ биде заменет. Системот мора да функционира, а доколку се случат одредени „нефункционирања“ треба да се излезе со јасна информација. Зошто не дава податоци и кога ќе почне да функционира нормално? –  вели Георгиевска

Од О2 потсетуваат дека алармирале за малиот буџет на МЖСПП.

– Да не сметаа дека бил доволен, сега може ќе обезбедеа дополнителни мерни станици за замена, додека се врши поправка или калибрација. Оправдувања не ни требаат – вели Георгиевска.