Полицијата на Тузланскиот кантон го уапси британско-индискиот милијардер Прамод Митал кој се сомничи за финансиски криминал во компанијата во Лукавац „Глобал испат коксна индустрија Лукавац“ (ГИКЛ), каде што тој е претседател на надзорниот одбор, јавува „Ал Џезеира Балкан“.

Освен Митал, уапсени се и неговите двајца соработници, член на надзорниот одбор како и генералниот директор на компанијата.

За нив постои основа на сомневање дека во периодот од 2013 година до сега направиле кривично дело „организиран криминал“, „перење пари“ како и извлекување на средства од компанијата и префрлање во Лондон.

Прамод Митал е помлад брат на Лакшми Митал, кој е петти најбогат човек на светот. Митал е британски државјанин со индиско потекло кој заедно со семејството, компанијата „Митал стил“ ја направи најголем произведувач на челик на светот.

Компанија „Митал стил“ во 2006 година се спои со „Арцелор“ при што се формираше нов светски лидер во производство на челик „Арцелор Митал“.

Интересно е што „Арцелор Митал“ е присутен и во Скопје, но на 1 јули „Либерти Стил“, дел од глобалната „ГФГ Алијанса“ на Санџив Гупта, го заврши преземањето на седум клучни капацитети за челик и пет сервисни центри од „Арцелор Митал“ во седум земји од Европа, помеѓу кои и претставништвото кај нас.