Пост со невистинити податоци, навреди и теории на заговор, но и со опасност по јавното здравје е пласиран, злоупотребувајќи видео клип од протестите во Берлин одржани минатиот викенд. Тој сѐ уште не е многу вирален, но поради опасноста што ја носи беше рецензиран од тимот на „Вистиномер“

 

Јавен пост на Фејсбук од личен профил говори со невистини за неодамнешниот протестен собир во Берлин, а кој беше поврзан со ковид-19 кризата. Постот е контекстуализиран и се однесува и на состојбите во земјава, при што се испраќа опасна порака:

Денес протестираа 4 милиони народ против лажната пандемија и безсмислените фашистички мерки.

Сатанистичките ковидни стоки #ДпмнеСдс сосе #Димче шо ви викаат носите си маски хааааа.

Да си ги носите слепци.

Под ваквата содржина на постот, кој ги прави „слепци“ луѓето што носат маски во земјава, е постирано видео на „Дејли Меил“, односно на нивното интернет издание „Меил онлајн“. Но, ако се следи внимателно видеото, па дури и насловот, „Илјадници демонстранти…“ ќе се види дека не станува збор за милиони, а камо ли за 4 милиони како што се тврди во постот.

Ако се проследат и другите вести од угледни светски медиуми, како што се „Ројтерс“ или Би-Би-Си, ќе се утврдат фактите, т.е. дека во саботата на 29 август, а не на 30 август, во Берлин се одржале два протеста, на кои, според два независни извора, имало вкупно околу 38.000 луѓе, при што биле уапсени околу 300.

Главниот протест бил одржан од следбеници на политичката организација од Штутгарт која се нарекува Querdenken 711, или Поинакво мислење во послободен преводОваа организација која има 20- тина илјади следбеници на Фејсбук, се залага за сосема поинакво мислење од официјалното околу корона кризата, а наметнувањето на протоколи, какви што се носење маски или физичкото дистанцирање, ги сметаат за нарушување на слободата на граѓаните и воопшто, имаат мислења блиски до теориите на заговор за потеклото и наводните крајни цели на пандемијата.

Таа е предводена од Михаел Балвег, основач и сопственик на софтверска компанија од Штутгарт, кој, пак, при најавите за протестот во Берлин уште на 8 август, упати јавна покана за учество и до американскиот претседател Доналд Трамп.

Инаку, на самиот протест присуствувал и внукот од брат на убиениот поранешен американски претседател Џон Кенеди , т.е. Роберт Ф. Кенеди помладиот, кој е познат антиваксер во светски рамки, но и екологист.

На протестот му се приклучија и повеќе стотици крајно десни конзервативци, кои го носеле и знамето на „Граѓаните на Рајхот“, при што голема група од овие демонстранти се уапсени (околу 300 на разни локации, а 200 кога почнале да фрлаат камења и светлечки ракети пред Брандебуршката порта). Притоа, бил уапсен и познат конзервативец и подржувач на теориите на заговор, Атила Хилдмен, кој претходно преку мегафон им се обраќал на демонстрантите.

На главниот протест имало пароли од типот „Корона легионери стоп“„Лажливи медиуми“ (“Lügenpresse” – израз за опис на мејнстрим медиумите употребуван и од нацистите во времето на Адолф Хилтер, како и од самиот Хитлер) и други, а на анти-протестот од повеќе стотини луѓе, мировни активисти и либерали, се забележуваат пароли од типот „Мировен договор“„Расизмот не е алтернатва“…, што убаво можат да се видат од видеото на „Меил онлајн“.

* * *

Како што може да се види од приложените факти, станува збор за протест на луѓе што имаат поинакво мислење околу корона кризата, но, ни оддалеку во декларираната бројка во постот што го рецензираме од аспект на вистинитост. Значи, само 40-тина илјади учесници, што за Германија, но и од аспект што бил организиран повеќе од три недели, е релативно мала бројка. Второ, во постот отворено се повикува на неносење маски, засега најефикасното средство за заштита од вирусот и контрола врз болеста, т.е. пандемијата, односно епидемијата кај нас, а главните политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се нарекуваат „сатанистички ковидни стоки“, додека луѓето што ги почитуваат препораките, се нарекуваат „слепци“, пишува „Вистиномер“.

Станува збор за пост во кој има голема невистина и потенцијално опасен пост за јавното здравје. Тоа може да се види и од коментарите под постот, од типот:

Изгледа нашиот народ сака да оди со маски и да е под контрола. Кај нас Филипче оште не плаши дека ќе има втор бран во септември а лабораториите за тестови-пералница за пари. Срамота. Се богатат во матно.

или

Одработуваат дале збор и душа продале на ѓаволот. Треба да уништат народ.