фото: Архива на Мета

Македонската банкарска асоцијација (МБА), соопшти дека согласно со мислењето добиено од Управата за финансиско разузнавање, надминат е проблемот со користење на услугите и производите на банките и штедилниците од страна на граѓаните на коишто им е истечена важноста на личната карта.

Тие сега ќе може да ги завршат неопходните работи на банкарскиот шалтер со важечки пасош, а за оние чии што пасоши се истечени ќе се спроведува мерката за продолжување на важење на истечени пасоши до крајот на годинава.

Во случаите кога граѓанинот – постоечки клиент на банка/штедилница не поседува ниту валидна патна исправа – пасош или патна исправа со важност продолжена до 31.12.2021 година, ниту валидна лична карта, за користење на услугите и производите на банката/штедилницата на којашто е клиент ќе може својот идентитет да го потврди врз основ на увид во матичниот број на граѓанинот наведен во потврдата издадена од Министерството за внатрешни работи дека е поднесено барање за издавање на нова лична карта и дека постапката за издавање е во тек. Конкретно, станува збор за потврдата којашто редовно се издава при аплицирање (фотографирање) за нова лична карта, соопшти МБА.