fbpx

Во август нов договор за субвенционирани летови од македонските аеродроми

-

Нов договор за доделување финансиска поддршка од државата за воведување нови дестинации од македонските аеродроми треба да биде потпишан во август годинава со авиокомпанија што ќе биде избрана на повикот што за таа намена го објави денеска Министерството за транспорт и врски.

Со тендерот на кој понуди ќе може да се доставуваат до 27 следниот месец, кога ќе има нивно јавно отворање, ќе биде избрана авиокомпанија која во наредните три години ќе добие финансиска поддршка од пет милиони евра.

За секоја нова дестинација од аеродромите во Скопје и Охрид ќе се исплаќа еднократен надомест од по 40.000 евра. За секој патник во заминување во првите три години за дестинации од Скопскиот аеродром авиокомпанијата ќе добива по девет односно осум и седум евра, а од Охридскиот аеродром финансиската поддршка по патник за првата година ќе изнесува 13 евра, односно 12 и 11 евра во втората и третата година.

Компаниите што ќе аплицираат меѓу другото треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварено профит од 25 милиони евра минатата година.

– Финансиската поддршка ќе се додели на авиокомпанијата која ќе понуди најголем број нови дестинации на кои ќе оперира од и до меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, а кои не биле опслужувани со редовен воздушен превоз во последните две ИАТА сезони – рече на прес-конференција ресорниот министер Горан Сугарески.

Според него, целата постапка ќе се одвива на јавен и транспарентен начин, а крајната цел е пораст на авиосообраќајот и обезбедување атрактивни дестинации за граѓаните согласно нивните потреби по прифатливи цени на билетите.

Како што појасни Сугарески, на повикот може да се пријават сите домашни и странски авиопревозници, вклучително и нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ која во изминатите шест години со два договора доби 9,5 милиони евра субвенции од државата.

Обврските на државата кон „Виз ер“, посочи Сугарески, се исполнети. Според условите на тендерот, компанијата што ќе биде избрана најдоцна до 1 декември треба да воспостави или одржи база од најмалку еден воздухоплов на охридскиот аеродром, а најдоцна до 1 ноември годинава да стартува со оперирање на најмалку две дестинации од меѓународниот аеродром Скопје, а од охридскиот аеродром со најмалку четири нови дестинации од кои првите две до крај на годинава, а останатите во рок од една година од склучување на договорот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...