Во август ќе започне изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје [инфографик]

Фото: Архива на Мета.мк

Пречистителната станица за отпадни води во Скопје ќе започне да се гради догодина. Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк информираат дека проектот се наоѓа во тендерска фаза. Капиталниот објект за главниот град ќе треба да се гради покрај реката Вардар во местото Трубарево, а за неговата изградба се обезбедени 136 милиони евра од централната власт.

„Во моментов се спроведува втора фаза од евалуација на избраните компании од кратката листа за договорот за надзор на работите. За договорот за градба, рокот за доставување на понудите е до јануари 2022, по што ќе започне евалуацијата на понудите. Потпишувањето на договорот е планирано за август 2022 година“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Инвеститор во овој проект е скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“, коешто ќе треба да го имплементира опсежниот зафат што треба да обезбеди прочистување на отпадните води на над половина милион жители од главниот град. Од Министерството очекуваат добра соработка со новата власт во Градот Скопје, како би можело успешно да се финишира изградбата на пречистителната станица за отпадни води.

Претквалификациската фаза од меѓународниот тендер започна во 2020 година, при што во оваа прва фаза од изборот на најповолен понудувач беа поднесени 12 апликации од компании или конзорциуми заинтересирани за изведба на пречистителната станица за отпадни води.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање очекуваат ако договорот за изградба се склучи во август догодина, тогаш целокупниот објект да биде функционален до август 2028 година, при што во овој период се вклучени и две години за пријавување на дефекти од пречистителната станица.

Податоците пак на Државниот завод за статистика покажуваат дека во земјава од година во година расте количеството на создадени отпадни води од домаќинствата и компаниите. Ако во 2017 година биле создадени 111.346.841 метри кубни отпадни води, во 2020 година ова количество се зголемило на 140.056.606 метри кубни отпадни води. Статистичките информации говорат за зголемување на обемот на продуцирани загадувачки води и кај домаќинствата, но и кај стопанските субјекти.

Наспроти ова, Мета.мк веќе пишуваше дека во 2018 година, само 21,7 отсто од урбаните отпадни води во нашата земја биле подложни на пречистување пред да се испуштат во реките, езерата и подземните води. Според ваквите податоци, Македонија, заедно со Србија и Косово, се наоѓаат на европското дно според процентот на население кое има пристап барем до секундарен третман на урбаните отпадни води.

Притоа, од 80 македонски општини, грижата за собирање и одведување на урбаните отпадни води што ги создаваат домаќинствата ја споделуваат вкупно 55 јавни комунални претпријатија. Од нив, само 17 од овие даватели на водни услуги ги прочистуваат ваквите отпадни води, со што не вршат загадување на подземните води, реките, езерата и акумулацииите низ земјава.

Со својата планирана големина, пречистителната станица за отпадни води во Скопје ќе треба да го опфати прочистувањето на фекалиите што во моментов се создаваат во 9 од вкупно 10 скопски општини. Станува збор за четвртина од целокупното население во земјава, па оттука нејзината реализација значително ќе го зголеми процентот на прочистување на отпадните води во земјава.

Откако ќе отпочне со работа овој капитален објект, во водите на реката Вардар нема да се испуштаат фекалиите од скопските домаќинства и стопански субјекти, со што се очекува да се подобри квалитетот на водите на реката Вардар и тие да се искачат во втора категорија на загаденост.

Во моментов, водите на реката Вардар бактериолошки се класифицираат во најлошата четврта категорија на загадување, додека хемиски се меѓу четврта и петта категорија на загадување. Поради ова, забрането е капење во водите на Вардар, наводнувањето на земјоделските површини, ловењето на риба за исхрана и користењето на бунарите за вода за пиење што се наоѓаат до самата река.

За реализацијата на овој инфраструктурен зафат, Владата на РСМ обезбеди 68 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ), 58 милиони евра од Европската банка за обнова и развој и неповратни средства од ЕИБ во висина од 10 милиони евра.