Во Авганистан никна „тајно“ училиште во кое се одржува настава за девојчиња против режимот на Талибанците

Фото: 12019 / 10257 Images / Pixabay

Сокриено во станбена населба, во мал стан и просторија со неколку клупи и бела табла за пишување со маркер – вака изгледа новото „тајно училиште“ за девојчиња во Авганистан што во овие времиња претставува моќен чин на пркос против Талибанците, објави Би-би-си.

Во училиштето што секојдневно го посетуваат околу 10 девојчиња се одржуваат еден до два часа на ден настава и се изучува математика, биологија, хемија и физика.

„Како едуцирана жена, должност ми е да едуцирам. Само образованието може извлече од темнината. Свесни и загрижени сме за ризиците, но образувањето на девојките вреди да се преземе ризик, дури и ако ме уапсат или претепаат, вреди“, раскажува за Би-би-си професорката што ги подучува девојчињата во „тајното“ училиште.

Идејата за започнување на ваков вид на „тајна“ настава доаѓа откако Талибанците по седум месечниот прекин на било каква настава одлучија повторно да ги отворат училиштата за сите, ученици и студенти, машки и женски. Само неколку часа пред да се отворат, Министерството за образование во раководство на талибанските власти одлучи дека за сите девојчиња што имаат над 11 години училишните врати остануваат затворени и ним им се забранува настава.

Ученички со солзи, на првиот училиштен ден се затворија средните женски училишта во Авганистан

Според одлуката, тогаш беше кажано дека ситуацијата ќе остане ваква додека не се изнајде решение, а дека на истото се работи. Оттогаш, поминаа речиси два месеци, а ученичките сѐ уште не се вратени во училишните клупи.

И покрај ваквата одлука на Талибанците, несогласувањата меѓу нивните редови во однос на темата за правото на образование на девојчиња секојдневно растат.

Би-би-си јавува дека во последните недели некои верски научници објавиле религиозни декрети кои го поддржуваат правото за едукација на девојчињата.

„Во сите верски книги се надевува дека образованието на девојчињата е дозволиво и задолжително, бидејќи на пример ако жена се разболи во муслиманска средина како што е Авганистан, и има потреба од лекување, многу е подобро доколку таа добие помош од женски лекар наместо машки“, изјавил авганистанскиот свештеник, шеикот Рахимула Хакани кој е почитуван од Талибанците и кој минатиот месец оствари средби со членови од видоките редови на нивната влада.

Во меѓувреме, авганистанските активисти за правата на жените постојано се обидуваат да обезбедат услови за едукација со цел да ја намалата можноста да прозилезе генерација на жени што ќе заостанува од другите во светот.