Фото: Matthew Henry on Unsplash

Албанија и Северна Македонија беа посветени на изградбата на 400-киловолтен интерконективен далновод во 2015 година и спроведувањето на проектот требаше да заврши во 2018 година. Проектот не само што не е реализиран, туку како ветување е повторено од сегашната албанска министерка за енергетика, Белинда Балуку, пишува „Фактоје.ал“, пренесува „Порталб.мк“.

На 11 декември 2015 година министерот за енергетика и индустрија Дамијан Ѓикнури и тогашниот министер за економија на Северна Македонија Беким Незири го потпишаа Меморандумот за соработка во секторот енергетика на состанокот одржан во Струга.

Тие ги истакнаа поволните услови на двете земји за проширување на соработката во енергетиката, искористувајќи ја географската позиција, но и традиционалните односи меѓу нив. За Албанија и Македонија, според потписниците, се гарантираше финансирањето и во 2017 година требаше да започне изградбата на 400-киловолтниот интерконективен далновод Елбасан-Битола.

„Проектот се развива со исто темпо од двете страни на границата. Верувам дека конкретната изградба на оваа линија ќе започне во 2017 година, а ќе биде пуштена во употреба во 2018 година. Финансиските средства за реализација на овој проект ги обезбедија двете земји, така што проектот треба своевремено за да се заврши“, рече Ѓикнури.

„Фактоје.ал“ реши да контактира со Министерството за енергетика и инфраструктура на Република Албанија за да открие што е направено со интерконективниот далновод.

Во одговорот вратен од операторот на дистрибутивниот систем, тие дознаа од овој медиум дека проектот е сè уште во фаза на тендерирање за избор на изведувачи, според соодветните лотови.

Во следниот чекор, „Фактоје.ал“ се обиде да контактира со македонската страна на која ѝ испратија две барања за информации, односно до Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски на Северна Македонија.

Помина еден месец од поднесувањето на овие барања и сè уште нема одговор од македонската страна.

Следниот чекор што го следеше „Фактоје.ал“ беше обиколка на теренот. Тие отпатуваа за Елбасан, но не најдоа нови точки за изградба на 400-киловолтниот интерконективен далновод. Единствената точка беше постојната електрична трафостаница на градот Елбасан.

Од понатамошните истражувања за изградба на оваа линија, се најде изјава јавно артикулирана од сегашната албанска министерка за енергетика и транспорт Белинда Балуку, во која се најавува дека следен проект ќе биде далноводот Елбасан-Битола, истиот проект што беше ветен во 2015 година од нејзиниот претходник Дамјан Ѓикнури, и дека според таа заложба, тој веќе требаше да се стави во функција.