Фото: ХРТ, hrt.hr

Во акција на хрватската полиција и Канцеларијата за борба против корупцијата и организираниот криминал, рано утрово во Загреб се уапсени повеќе лица, меќу кои е и главниот директор на Хрватската радио-телевизија, Казимир Бачиќ, пишува порталот на „Јутарњи лист“. Според неофицијални информации, станува збор за сомневања за сторени кривични дела направени за време на поранешната градска администрација, од крајот на минатата и во првата половина од оваа година.

„Во тек е нова, голема акција на полицијата и на УСКОК. Дознаваме дека полицијата рано утрово, под водство на УСКОК, чукнала на вратите на повеќе лица на подрачјето на Загреб“, неведе „Јутарњи лист“. Се додава дека наводно се работи за сторени кривични дека поврзани со работењето на загрепската градска администрација.

Се наведува дека меѓу уапсените се неколку познати лица, како и директорот на ХРТ, Бачиќ. Полицијата утрово влегла во неговата куќа и во гаражата и направила претрес, но засега не се знае за што конкретно тој се товари. Меѓу уапсените се и шоферите на Бандиќ, Здравко Крајина и Врадимир Џаја, некогашната шефица на стручните служби на град Загреб, Андреа Шулентиќ и Јелена Чеклиќ, поранешната членка на Комитетот за давање на закуп на јавни површини.

Весникот посочува дека, неофицијално, се спомнува поврзаноста на Бачиќ со сопственикот на поранешната фабрика за светилки, „Теж“, Милан Лончариќ, и неговиот градежен проект „Паркови на светла“ кој е на локацијата на поранешната фабрика.

Во врска со апсењата со изјава излезе градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ кој кусо порача дека, како нова градска управа, во целост поддржува независна работа на државните институции.