Од вкупните буџетските расходи во 2021 година кои се проектирани на 247,5 милијарди денари (4 милијарди евра) за плати и надоместоци на администрацијата ќе се одвојат 31,3 милијарди денари (510 милиони евра), покажува предлог-буџетот за 2021 година кој беше доставен до Собранието.

Станува збор за пораст од 4,1 отсто во однос на годинашниот буџет во кој за плати и надоместоци се предвидени 30,1 милијарди денари (490 милиони евра).

„Останува определбата за оптимизација на администрацијата преку контрола на новите вработувања, како и подобрување на стандардот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи“, пишува во образложението во предлог-буџетот за 2021 година.

Во него, има значително зголемување од 20,6 отсто на парите предвидени за капитални расходи и тоа од 19 милијарди денари (309 милиони евра) колку што изнесуваат во годинашниот буџет на 22,9 милијарди денари (373 милиони евра).

Владата следната година предвидува инвестициии во повеќе области. Планирано е да заврши реконструкцијата на железничката пруга на Коридор X финансирана со заем од ЕБОР. Предвидени се средства за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор VIII – делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, финансирана од ЕБОР.

Наредната година со заем од Светска банка ќе продолжат активности за реализација на проектот за локални патишта, а исто така се предвидува да започне проектот „Воведување на брз автобуски систем во Град Скопје“ кој ќе опфати воспоставување на две линии за брз автобуски превоз во Градот Скопје.

„Со воведувањето на брзиот автобуски систем во Град Скопје ќе се подобри и еколошката состојба во Градот, а исто така ќе се зголемени квалитетот на јавниот градски превоз“, се вели во образложението.

Во предлог-буџетот се испланирани и почеток на изградбата на пречистителната станица во Скопје, како и повеќе инвестиции во енергетиката, здравството и образованието.