Во 2020 година до Советот за етика пристигнале 140 жалби, од кои за 109 се донесени одлуки во коишто комисијата има детектирано одредени прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија, со што се бележи двојно зголемување на доставени жалби споредбено со 2019 година, изјави координаторот за програми и прием на жалби на Совет за етика во медиумите, Даниел Димитриески на денешниот настан „Инклузивно известување за различностите во медиумите во време на Ковид-19“ кој го организираа Советот за етика во медиумите (СЕММ), во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Од 140 жалби, 18 се дефинирани како неосновани и се отфрлени и дополнително 13 одлуки кои беа решени со медијација, односно со помирување на двете страни. Позитивна пракса е што забележуваме зголемување на процесот на медијација. Па така, во 2020 година дури 15 отсто од случаите биле решени по пат на медијација, споредбено со 2019 кога само 4 отсто од случаите се користело помирување како решение“ изјави Димитриески.

Како што истакна тој, Советот на етика забележува и пораст на добиени одговори од медиумите на овие жалби кои се поднесени против нив, што покажува дека ја почитуваат саморегулацијата како концепт за подобрување на етичките и професионалните стандарди при новинарско известување.

Од постоењето на Комисијата за жалби па досега, низ текот на годините, евидентно е дека трендот опаѓа, што не значи намалување на говорот на омраза и дискриминацијата во медиумите, туку феноменот се префрла од традиционалните медиумите во онлајн сферата.

„Сега на некој начин говорот на омраза и дискриминаторскиот јазик се камуфлирани во коментарите на социјалните мрежи. Така што, интернет порталите кога ќе објават нивна содржина, коментарите под објавата изобилуваат со овие девијантни појави“ појаснува Димитриевски.

Според него, дел од успешното справување со овие појави е раната детекција, но и охрабрувањето на граѓаните сами да пријавуваат во Советот на етика кога ќе забележат вакви појави.

„Во последните две години дури 50 отсто од добиени жалби доаѓаат токму од јавноста, односно од граѓаните и граѓанските организации“, додава тој.

На ова претходно се осврна и извршната директорка на Совет за етика во медиумите, Марина Тунева која истакна дека честопати во жалбите се забележува дека насловите на медиумските содржини се сензационалистички, а самиот текст не кореспондира со насловот што кај читателите доведува до заблуда и резултира со говор на омраза и погрешно толкување на информациите.