Во 10 средни училишта ќе се одржат бесплатни онлајн курсеви за албански, македонски и турски јазик

Фото: Град Скопје

Град Скопје ја започна реализацијата на бесплатните тримесечни онлајн курсеви за изучување на албанскиот, македонскиот и турскиот јазик, кои беа прекинати во март минатата учебна година поради пандемијата со ковид-19, соопштија од Град Скопје.

Оттаму информираат дека во оваа активност ќе бидат опфатени 257 ученици кои ќе следат курс за изучување на македонскиот јазик, 102 ученици и 56 наставници кои ќе посетуваат курс по албански јазик и 105 ученици и 15 наставници кои ќе следат курс по турски јазик.

Курсевите ги држат наставници вработени во средните училишта, истите ќе бидат логистички и финансиски поддржани од Град Скопје, а со нив се опфатени следниве училишта: СУГС „Здравко Цветковски“, СУГС „Никола Карев“, СУГС „Владо Тасевски“, СУГС „Арсени Јовков“, СУГС „Д-р Панче Караѓозов“, СУГС „Боро Петрушевски“, СУГС „Зеф Љуш Марку“, СУГС „Јосип Броз-Тито“, СУГС „Димитар Влахов“ и СУГС „Георги Димитров“.

Во другите 13 училишта на Град Скопје вакви курсеви ќе бидат организирани во второто полугодие од оваа учебна година.

Проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“ е предвиден во Стратегијата на Град Скопје за меѓуетничка интеграција и граѓанска вклученост.