Јавното претпријатие за државни патишта планира наредниот месец да го објави тендерот за избор на градежна компанија што ќе ја доврши изградбата на првата фаза од експресниот пат Градско – Прилеп. Неколкумесечниот застој на изведбата на 10-те нови километри меѓу Фаришката и Дреновската клисура настанаа откако изминатово лето беше раскинат договорот со претходниот изведувач „Конструксионес Рубау С.А.“, а двете страни меѓусебно се обвинуваа за причините за раскинување на договорот и се одлучија разрешницата да ја бараат на арбитражен суд.

– Арбитражата ќе се тера една или две години, тоа се такви постапки. Не зависат од нас – изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, на вчерашната прес – конференција одржана во владата.

Арбитражната постапка меѓу ЈП за државни патишта и шпанскиот изведувач ќе продолжи, но таа е целосно одвоена од довршувањето на изградбата на експресниот пат. Експерти од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која ги позајмува средствата за изградба на првата фаза, месецов биле во земјава и е договорено да се продолжи со изведба на градежните работи. Со ангажираните експерти направен е пресек на целиот проект, утврдено е дека досега се завршени околу 35 отсто од градежните работи, додека преостанатите сегменти што треба да се довршат ќе ги гради нова компанија што треба допрва да се избере.

– Очекувајте во јануари да се објави тендерот. Пролетта овој пат ќе продолжи да се работи – изјави директорот Зоран Китанов.

Експресниот пат Градско – Прилеп се гради во три фази. Во моментов непречено се одвива изведбата на трасата меѓу Градско и Дреновската клисура, а допрва треба да започне изведбата на третата фаза од Прилеп до мостот на Ленишка река и од село Беловодица до каменоломот „Маврово“. Целокупниот експресен пат од Коридорот 10д треба да биде завршен до крајот на 2022 година.