Внимавајте на вашата сајбер безбедност на интернет, познати 200-те најчесто користени лозинки во светот

Фото: mohamed_hassan from Pixabay

Компанијата за организирање и чување лозинки „Норд пас“ за годинава ги објави 200-те најчесто употребувани лозинки на корисниците од 50 земји низ светот.

И по многубројни протекувања на приватни видеа и фотографии, онлајн измами со кредитни картички, користење на лични профили на социјални мрежи за разни незаконски или негативни кампањи во туѓо име, лозинката „123456“ и во 2021 година е најчесто користена лозинка во светот, со фрапантни над 100 милиони користења во овие земји.

На листата на 10-те најчесто користени лозинки се и „123456789“, „12345“, „qwerty“, „password“, „12345678“, „111111“, „123123“, „1234567890“ и „1234567“. Ваквите лозинки што се користат за профили по социјалните мрежи, мејлови, системи за онлајн плаќања, блогови и слично, може да значат единствено дека во многу брзо време ќе бидете предмет на сајбер напад.

По негативните информации коишто ги носи „Норд пас“ за начинот на којшто се практикува сајбер безбедноста на интернет, вредно е да се напомене златното правило број 1 за заштита од сајбер напади на индивидуално ниво, а тоа е самите да избере добра лозинка, која што подразбира избор на што е можно посложен и подолг збир од знаци, големи и мали букви, и броеви.

Во истражувањето на „Норд пас“ за 2021 година не е вклучена Македонија, но се вклучени балканските земји Грција, Романија и Турција. Она што што може да се спореди кај нашите соседи, е заклучокот дека сепак лозинката „123456“ е најчесто употребувана кај корисниците на интернетот.