Photo by Alasdair Elmes on Unsplash

Министерот за здравство Венко Филипче упати апел до граѓаните во периодот на слави кој престои максимално да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките за заштита.

Министерот за здравство д-р Венко Филипче вчера за време на посетата во Прилеп, предупреди дека домашните прослави и групирања беа главна причина за време на првиот бран да се влоши епидемиолошката состојба и апелираше да не дозволиме повторно тоа да се случи.

„Граѓаните треба да бидат максимално одговорни и да ги почитуваат мерките за заштита кои беа донесени на почетокот од месец ноември“, изјави Филипче.

Тој потсети дека со измените на Законот за здравствена заштита се забрануваат собирања во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или било каде на отворен простор во текот на целиот ден.

Исто така, задолжително е носењето на заштитна маска на отворено и во затворени простории, како и одржување на лична хигиена, задолжително често темелно миење на раце со сапун и вода или средства за дезинфекција, одржување на физичка дистанца од два метри секогаш кога тоа е возможно.

Според последните податоци на Министерството за здравство, бројот на активни случаи со ковид-19 во земјава вчера изнесувал 21.519, додека од болеста во земјава досега починаа 1.699 лица.