Зоран Заев продолжува да го тера своето деструктивно сценари и без поддршка од граѓаните продолжува да објавува креирани, сечени и монтирани материјали. Наводите кои се обиде Зоран Заев да ги конструира во денешната прес конференција се чиста манипулација и невистина, реагираше ВМРО ДПМНЕ на тринаесеттата „бомба“ на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Тој многупати досега покажал дека материјалите кои ги објавувал се сечени, лепени, прилепувани, монтирани и ставани во манипулативен контекст. Впрочем тоа СДСМ го призна и во свое партиско соопштение. Неговиот обид да се добере до власт без поддршка од народот, без избори, со помош на странски центри и соработници, веќе е прочитан. Очигледно дека Зоран Заев станува се понервозен кога од сите страни се потврдува неговата соработка со надворешни центри кои не и мислат добро на Македонија, кога постојат признанија од лицата кои учествувале во нечесниот чин, а кои директно соработувале со Верушевски, и на крајот на краиштата кога самите граѓани му покажуваат дека ваквите ниски обиди не се прифатливи за нив“, се вели во соопштението од владеачката партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека само народот може да одлучи на кого ќе верува и ќе ја даде својата поддршка.
„Народот е најмеродавен да каже кому му верува и на кого ја дава својата поддршка. Дали тоа е политиката на соработки со странски центри спротивно на нивните интереси, уцени, закани, монтирања и лаги кои ги прават Заев и СДСМ, или тоа е политиката на проекти, фабрики, нови патишта, училишта, болници, повисоки плати и пензии кои ги прави ВМРО-ДПМНЕ“, стои во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.