„Лагите на Заев нема да го подобрат стандардот на граѓаните. Тие очекуваат од него да ги исполни ветувањата што ги даде пред избори, а не со манипулации и со дезинформации да ги дефокусира од обврските што ги презеде“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во утринското соопштение.

Заев лажеше дека кој било од ВМРО-ДПМНЕ во разговорите со СДС побарал каква било амнестија, реагираат од опозициската партија на изјавата на премиерот Зоран Заев во интервјуто за националниот јавен сервис МРТВ, дека било побарано амнестирање на врхушката на поранешната владејачка партија, но дека тоа било одбиено.

„Човек што е двапати аболиран за криминал, веројатно со ваквите дезинформации сака да си подготви терен и за трета амнестија за случајот „Поткуп“. ВМРО-ДПМНЕ и досега повеќепати демантираше дека воопшто се разговарало со Заев на оваа тема“, реагираат од партијата.

Од партијата велат дека неточни се тврдењата на Заев дека во буџетот се останати само шест милиони евра и дека јавниот долг ја наминал ликвидност на буџетот.

„Неговиот министер за финансии се пофали дека на 5 јуни се исплатени околу 77 милиони евра од буџетот на име на субвенции, стипендии и пензии. Вистината е дека новата Влада на СДС во буџетот доби 130 милиони евра, освен ако Заев не сакаше несвесно да признае дека 124 милиони евра мистериозно исчезнале. Заев лажеше дека јавниот долг надминувал 50 отсто од БДП, а дека скриениот долг изнесувал повеќе од милијарда евра. Фактичката состојба гласи дека јавниот долг на 30 април 2017 година изнесувал 45,9 отсто. Со овие паушални бројки и лаги, Заев и практично го загрозува кредитниот рејтинг на Република Македонија и ризикува кредиторите во иднина да бараат повисоки каматни стапки“, стои во демантот, во кој се додава дека граѓаните од Заев не очекуваат лаги и манипулации, туку очекуваат да ги исполни изборните ветувања.