Фото: Арбнора Мемети

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски денеска информираше дека опозициската партија утре ја започнува кампањата за собирање потписи со цел поништување на Законот за попис, упатувајќи апел до граѓаните да се приклучат на ваквата иницијатива која ќе резултира со поставување штандови насекаде низ државата.

„Ние започнуваме уште од утре насекаде низ Македонија да ги собираме овие потписи, затоа ги охрабруваме граѓаните ќе нè има секаде низ плоштадите, ќе нè има на улиците секој кој што сака да ни даде поддршка да дојде да се потпише, бидејќи сакаме што повеќе граѓани да бидат опфатени, а потоа се разбира ние заеднички да ги поднесеме за соборување на овој закон“, изјави Владо Мисајловски.

Тој дополни дека целата оваа кампања ќе се случува во наредните 20 до 30 дена, иако Мисајловски денеска не појасни на кој начин со ваквата кампања тие како партија ќе придонесат за спречување на ширењето на корона вирусот во земјава. Инаку, од ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати во изминатиов период нашироко како главен аргумент за одложување на пописот ја посочуваат ковид кризата и недостигот на вакцини против ковид-19 за заштита на пописните тимови и на граѓаните.

Наспроти ваквиот став на опозицијата, премиерот Зоран Заев и владејачката партија СДСМ веќе неколку пати повторија дека пописот ќе се одржи во предвидениот термин.

„Пописот ќе се спроведе од 1 април до 21 април. Во лето никој никаде не прави попис. Во септември веќе се подготовките за локалните избори, а во октомври и ќе се одржат локалните избори. Што ќе се смени ако одложуваме до мај?“, изјави Заев пред неколку дена во однос на оваа тема.

Премиерот Зоран Заев истакна дека државата има должност да ја спроведе оваа статистичка операција, потсетувајќи дека досега се изминати 20 години од последниот попис.

„Не ги знаеме бројките, не знаеме колку сме, каде сме распоредени, како и дали сме поставени соодветно, кои ни се индустриските параметри, кои ни се основните ресурси и тоа дава сериозни индиции за максимилизација на економскиот раст и развој на државата“, додаде Заев.

Државниот завод за статистика пред две недели ја објави Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите, а претходно во Собранието беше донесен и законот за спроведување на пописот.