„Секојдневно се нижат искази и докази дека тиранската платформа е дело на Еди Рама и дека таа има цел да ја турне Македонија во уште подлабока криза и да ја редефинира во согласност со визиите на соросовите играчи на Балканот“, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Во него се додава дека „аболираниот криминалец Зоран Заев е само уценет човек, кој исплашен од затвор за сиот криминал што ги сторил, е подготвен да прифати буквално сè и да ги реализира сите барања што одат спротивно на највисоките државни и национални интереси“.
„Мнозинството граѓани на 11 декември одбраа кој има најдобра понуда, најквалитетна програма и најсоодветни персонални капацитети за да ја врати Македонија на вистинскиот пат. Тоа беше програмата на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија. Мнозинството граѓани не гласаа ниту за тиранска платформа, ниту за двојазичност, ниту за дебати за химна, грб или знаме. Граѓаните не гласаа ниту за нови пари, ниту за нови униформи“, се вели во соопштението.
Од партијата додаваат дека, според нив, тиранската платформа била отпосле подметната како кукавичко јајце за да се изигра волјата на мнозинството.
„ВМРО-ДПМНЕ уште во текот на преговорите кажа што мисли за платформата од Тирана и не преговараше врз таа основа. СДСМ, како што кажа Мухамед Зекири, во целост ја прифатил платформата. ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли уцените и ја отфрли тиранската платформа. ВМРО-ДПМНЕ во процесот на преговори и јавно соопшти дека нема намера да формира влада по секоја цена“, додаваат оттаму.