Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и денеска го повика министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, да ѝ соопшти „на домашната и на меѓународната јавност“ зошто германската компанија „Гисеке и Девриент“ двапати испечатила македонски возачки дозволи со ист сериски број.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера на прес-конференција обелодени дека при попис на сите обрасци за лични документи во магацинот на МВР, биле откриени 70.000 формулари за возачки дозволи со идентични сериски броеви, како оние на формулари што биле евиднетирани во февруари 2014 година.
„Технички назначениот министер Спасовски, во согласност со истрагата која кажа дека ја иницирал, напомена дека е можно да се работи за сериозен меѓународен криминал. Оттаму и домашната и меѓународната јавност очекуваат истиот да биде поконкретен во сериозните обвинувања и да објасни по чија наредба германската компанија „Гисеке и Девриент“ се вклучила во транснационалниот криминал. Господинот Оливер Спасовски треба да одговори дали побарал помош преку Интерпол за спроведување на меѓународна истрага против германската компанија и за расчистување на нивните мотиви за криминал со обрасците за македонските возачки дозволи“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму, велат дека доколку Спасовски не одговори на овие прашања, „само ќе ги потврди претпоставките дека тој не е технички назначен министер, туку дел од фабриката за афери на СДСМ“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, министерот Спасовски, како и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со своите „ниски манипулации ќе ѝ нанесат уште еден срам на земјава во односите со меѓународните партнери“.
„Германската компанија „Гисеке и Девриент“ е меѓу светските лидери во областа со која се занимава со 160 години традиција. Оливер Спасовски има легитимно право да се сомнева дека компанијата која изработува лични документи и пари во десетици земји од светот, ја ризикува сопствената репутација и се нафатила со криминал со македонските возачки дозволи. Оливер Спасовски има обврска да излезе со докази против германската компанија и да каже каде, кому и зошто би се продавале бланко обрасци за македонски возачки дозволи во странство и колкав е профитот на германската компанија?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.