Пред самиот почеток на вечерашната седницата на извршниот комитет на ВМРО-Народна партија, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ѝ доставила нов предлог пакет за формирање коалиција и за заеднички настап на изборите закажани за 11 декември, дознава „Мета“ од извори од партијата на Љубчо Георгиевски.

Во предлогот, како што дознаваме, понудени се министерски, директорски и раководителски позиции за кадри на ВМРО-НП, доколку им се приклучи и доколку сегашната владејачка партија повторно ја освои власта.

Изворите од партијата на Љубчо Георгиевски само кусо коментираа дека се работи за „неверојатен предлог“. Сепак, како што дознаваме, поголемиот дел од членовите на извршниот комитет на ВМРО-НП се против одлуката нивната партија да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ.

Исто така, дознаваме дека Љубчо Георгиевски и лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, денеска договориле заеднички настап на претстојните избори, па затоа е нејасно дали извршниот комитет на ВМРО-НП ќе го поддржи планот на нивниот лидер или понудата на владејачката партија.

Од партијата, за „Мета“ брифираат дека пред почетокот на состанокот на извршниот комитет, закажан за 19 часот, постои раздвиженост, но никој не знае за што точно станува збор. Исто така, високиот извор од ВМРО-НП информира дека Георгиевски по средбата со Бошкоски не сакал да се сретне со ниту еден член од извршниот комитет. Сепак, работите ќе бидат појасни по вечерашната седница на извршниот комитет на ВМРО-НП.