Фото: Арбнора Мемети

Неколкумесечните несогласувања меѓу актуелното раководство на Христијан Мицкоски и Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ резултираа со два датуми за одржување на конгрес. Откако Иницијативниот одбор го закажа вонредниот конгрес на партијата за 28 март, Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера вечер ја отфрли ваквата иницијатива и донесе одлука да се одржи редовен конгрес на таа партија во ноември.

Стефан Андоновски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на новинарско прашање за најавениот вонреден конгрес од Иницијативниот одбор, одговори дека тоа било добра прилика за прочистување на редовите на ВМРО-ДПМНЕ помеѓу актуелното раководство и поранешни функционери предводени од Зоран Заев.

„Централниот комитет за ваква иницијатива заседаваше уште пред неколку месеци и едногласно донесе одлука за отфрлање на ваквата иницијатива и согласно статутарните овластувања кои ги има и согласно членот 29, став 4 од Статутот на ВМРО-ДПМНЕ и овој пат едногласно Централниот комитет се задржа на принципиелно почитување на Статутот“, изјави Стефан Андоновски.

Од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес реагираат на ваквата одлука на актуелното раководство, посочувајќи дека претседателот Христијан Мицкоски се обидува да го избегне соочувањето со делегатите кои го избраа на 16-от Конгрес, преку закажување на редовен конгрес во ноември.

„Христијан Мицкоски нема капацитет и не ужива доверба меѓу членовите на партијата, а уште помалку меѓу неутралните граѓани. Христијан Мицкоски ќе му донесе уште еден пораз на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори, исто како што донесе порази и на претседателските и на парламентарните избори“, велат од Иницијативниот одбор.

Тие дополнуваат дека навредите кон делегатите кои го избрале Мицкоски покажуваат оти тој нема никаков респект кон сопартијците, дополнувајќи дека вонредниот конгрес на 28 март не е приватна забава, туку состанок на кој ќе се одлучува за најважните прашања кои ја засегаат партијата и државата.

Од Иницијативниот одбор ги повикуваат сите делегати кои и понатаму се премислуваат, да се приклучат во организацијата на вонредната седница на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март. Тие велат дека делегатите се членови на партијата подолго од Мицкоски и сега бараат да им даде отчет за тоа што исполнил од ветеното на претходниот конгрес.