Мандатот на Специјалното јавно обвинителство за отворање и спроведување на истраги заврши и тоа нема легитимитет да отвора нови постапки, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ во контекст на приведувањето на скопскиот бизнисмен Љупчо Палевски – Палчо по налог на СЈО.

Од опозициската партија велат дека доколку Палевски го прекршил законот, тој за тоа треба да одговара пред Основното јавно обвинителство.

– Согласно закон на 30 јуни истече рокот од 18 месеци кој СЈО го имаше за да ги состави обвиненијата за сите индиции и сите предмети за кои Катица Јанева сметаше дека има основа да се процесуираат понатаму. Доколку Палевски го прекршил законот, тој за тоа треба да одговара пред ОЈО кое е единствено легитимно и надлежно обвинителство да отвора истраги и покренува обвиненија без било какви пречки – изјави денеска Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека секое дејствување на СЈО спротивно на законот ќе повлече кривична одговорност.

– Судот не смее да дозволи да биде вовлечен во нелегалните игри и интриги на СЈО, бидејќи и тој судија кој ќе прифати да процесуира предмет надвор од законскиот мандат на СЈО, работи неовластено и го крши законот, а за тоа следува кривична санкција и истиот еден ден ќе треба да одговара за своите нелегални обвиненија – порача Ѓорѓиевски во името на ВМРО-ДПМНЕ.