СДСМ нема кредибилитет да зборува за медиумски слободи и за закани кон новинари, кога токму тие се организатори на хајки кон медиумски куќи и новинари, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на опозициската партија.

Од владејачката партија наведуваат дека „за време на насилните протести организирани од СДСМ и од Сорос беа каменувани и оштетени просториите на „Радио Слободна Македонија“, а беше нападнат и повреден новинар“. Од партијата наведуваат дека насилството врз новинари за време на протести организирани од СДСМ не е ново.

„Лидерот на СДСМ ги прогласи за политички непријатели телевизиите и весниците што не се дел од мрежата за ширење на манипулациите од Бихаќка и за истите предлагаше драконски парични казни и одземање на лиценците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се наведува дека функционери на СДСМ секојдневно поднесуваат кривични пријави против новинари и медиуми, само поради тоа што не ги координираат своите прилози и текстови со СДСМ.