СДС со притисокот врз Управниот суд и врз ДИК, за тие да одлучат во негова полза, мисли дека го прикрил поткупот на гласачи, заканите и уцените врз граѓаните, кои ги вршеа неговите активисти, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение до јавноста.
„Завчера, поради политичкиот притисок што во изминатиот период го вршеа СЈО, СДС и медиумите блиски до нив, Управниот суд подлегна на притисокот, реши да ги заобиколи законите и да не дозволи прегласување во ниту едно избирачко место каде што ВМРО-ДПМНЕ имаше поднесено тужби за еклатантни изборни нерегуларности. Полнење на кутиите со однапред заокружени ливчиња за СДС, со методот на т.н. бугарски воз, гласачки ливчиња од Карпош најдени во Велес, најдени и во Струмица, најдени ливчиња од Врапчиште во Гостивар, гласачки ливчиња со ист сериски број во Ресен, поткуп и агитација пред избирачки места, само го потврдуваат фактот дека во Република Македонија се случи изборен фалсификат од невиден размери“, велат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, изборниот криминал што СДСМ го направил на овие локални избори ќе биде казнет. Од опозициската партија порачуваат дека со враќање на правната држава и на демократијата, ќе има индивидуална одговорност за секој што го прекршил законот.