Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје денеска пред Министерството за здравство организираше протест под мотото „Да го измиеме срамот на Филипче и Заев“. Од опозициската партија побараа оставка на министерот Венко Филипче, наведувајќи дека државата се наоѓа на третото место во светот по смртност од ковид-19, болниците се преполни со пациенти, а вработените немаат основни медицински средства.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова на протестот рече дека министерот Филипче се слика позерски со донирани вакцини и опрема, бидејќи не е способен да ги набави.

Пратеникот Владимир Неловски рече дека четврта сабота протестираат за да им порачаат да дадат оставка.

„Минатата сабота се обидовме да го измиеме срамот и стигнаа пораки зошто со толку малку балони вода сме го миеле срамот, па велам ако они прават симулација на вакцинирање ние можеме да пробаме симулација на миење на срамот“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Нелоски.

Од Министерството за здравство излегоа со реакција на денешниот протест на опозицијата, посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ се потсмева со вакцинацијата на возрасните граѓани, задравствените работници, полицајците, армијата, учителките, воспитувачките и другите категории на граѓани.

„ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека вакцинацијата на територија на цела држава се одвива без никаков проблем. Вакцинацијата во време на светска пандемија е сериозен здравствен процес, колку тоа на ВМРО-ДПМНЕ да им наликува на „преправање“ (симулација). Тажно е што опозициската партија безидејно обидувајќи се да профитира политички се потсмева со вакцинирањето на лицата со најголем ризик од заболување, односно возрасните граѓани постари од 76 години“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Од ова министерство реагираат дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот за беспрекорната организација на масовната имунизација во А1 СЦ „Борис Трајковски“, дополнувајќи дека во време на пандемија прават само штета и од почетокот на пандемијата опозицијата не придонесе со ништо за заштита на здравјето на граѓаните.