ВМРО-ДПМНЕ тврди дека пратеникот на СДСМ, Максим Димитриевски, вчера физички нападал 23-годишно момче и бара санкционирање на ваквото однесување. Тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ се реакција на соопштението на СДСМ за вчерашниот напад токму врз пратеникот на СДСМ, Димитриевски од, како што беше пренесено во медиумите, неколку полициски службеници, облечени во цивилна облека.

„Врв на криминалното и насилничко однесување на злосторничкото здружение околу криминалецот Зоран Заев е вчерашниот срамен физички напад од страна на пратеникот Максим Димитриевски. Насилникот Димитриевски, без никаков повод и причина, се дрзнал со тупаници да нападне и да се пресмета со 23-годишно момче само заради тоа што не му се допаднала македонската песна што била нарачана. Овој скандал мора да се расчисти докрај. СДСМ е уценет и избезумен. СДСМ гледа дека македонскиот народ ја отфрла тиранската платформа и дека нема да дозволи криминалецот Заев да го испорача тоа што го ветил. Тиранска влада нема да се формира“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.