Изборите се најдобрата дебата што Зоран Заев може да ја направи за тиранската платформа и за елементите содржани во неа, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата додаваат дека во спротивно револтот ќе се зголемува и секој ден стотици илјади граѓани ќе го изразуваат својот гнев од „сервилниот однос на криминалецот Заев“.

„Тиранската платформа е противуставна и нејзиното прифаќање ја втурнува Македонија во процес на федерализација. Оваа тиранска платформа има цел да ја разнебити Македонија и да ја претвори од мултиетничка во бинационална држава. СДСМ очигледно оваа тиранска платформа ја има прифатено штом молчи и не ја одбива во целост. Граѓаните ја прочитаа оваа политика на СДСМ и затоа се загрижени и оправдано манифестираат силен револт“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму го повторуваат ставот дека се потребни нови парламентарни избори „за граѓаните да не бидат постизборно измамени од Заев“.

„Доколку смета дека треба да се прифати и да се реализира ваква платформа, која задира во унитарниот карактер на државата, нека ја престави како своја изборна програма, па граѓаните јасно нека се произнесат што мислат за неа и за политичарите што ја предлагаат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.