fbpx

ВМРО-ДПМНЕ „од патриотски причини“ го прекрсти СДСМ во СДС без „М“

-

Во последниов период ВМРО-ДПМНЕ го „прекрсти“ Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и во официјалните соопштенија на партија и во изјавите на нејзините членови, својот политички опонент почна да го ословува со скратеницата „СДС“, наместо со СДСМ, како што беше случај претходно.

Од говорница тоа се изговара како „ес-де-ес“, а ваквиот новоговор го прифатија или го следат и аналитичарите и колумнистите блиски до оваа партија, па говорат и пишуваат за „демократија според СДС“, за „планот Б на СДС“, дека „СДС ќе се обиде насилно да го преземе управувањето со државата“ итн.

ВМРО-ДПМНЕ претходно повремено ја користеше скратеницата „СДС“ во обраќањањата или посочувањата на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, но од 6 април годинава тоа стана редовна практика во официјалните соопштенија на партијата.

На прашање на „Мета“ зошто ВМРО-ДПМНЕ го „прекрсти“ СДСМ, Иво Котевски, директорот на центарот за комуникации, во карактеристичниот стил на партиските соопштенија, користејќи ја скратеницата „СДС“, ни одговори дека тоа го сториле оти „Зоран Заев со прифаќањето на тиранската платформа длабоко загазил со антидржавните и антинационални политики“.

– Аболираниот криминалец Зоран Заев самиот јавно кажа дека на СДС не му доликува да глуми патриотизам, а сега целата јавност е сведок дека со прифаќањето на тиранската платформа длабоко загазил со антидржавните и антинационални политики. Впрочем, нема граѓанин во Република Македонија кој не може да наброи барем пет причини поради кои СДС веќе никој не го гледа како партија што ги брани македонските државни и национални интереси – ни напиша Котевски.

Минатата недела, пак, пратеникот на СДСМ, Дамјан Манчевски, од собраниската говорница партијата на колегите од спротивниот табор ја именуваше со ДПМНЕ, без префиксот ВМРО (Внатрешна македонска револуционерна организација), истакнувајќи дека тоа е негов личен став.

На ова реагираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои бараа нивната партија да биде именувана со целосното име, а во спротивно, како што рекоа, и тие ќе почнат да ја именуваат СДСМ на различни начини.

Инаку, СДСМ во своите официјални соопштенија ВМРО-ДПМНЕ ја именува со целосното име.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...