ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека претходната власт сакала да профитира од автопатот кон Блаце

Трасата треба да се препроектира и да се добие автопат по далеку помала цена, побара Петрушевски

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини претходната власт на СДСМ и ДУИ дека проектирала прескап автопат кон Блаце, преку кој би се правела криминална експропријација. Пратеникот Бране Петрушевски денеска на прес конференција обвини дека автопатот од Скопје до Блаце во должина од само 10 километри е испроектиран по траса која ќе ја чини државата 300 милиони евра.

„Избрана е траса по која одредени луѓе непосредно пред да почне проектот купувале имоти. Очигледно е дека врвот на ДУИ и СДС сакал сериозно да профитира од експропријацијата и траса со многу тунели. За ова е информирано ЈО и очекуваме постапки. Народот очекува одговори дали претходната власт сакала да инкасира милиони преку блиски лица. ЈО да покрене постапка и даде одговори. Македонија нема 300 милиони евра за фрлање на автопат од само 10 километри. Трасата треба да се препроектира и да се добие автопат по далеку помала цена“, рече Петрушевски.