ВМРО-ДПМНЕ преку пратеникот Драган Данев на прес-конференција денеска порача дека приведувањата за немирите во Собранието на 27 април се обид за заплашување и хајка на недолжни граѓани, притоа нагласувајќи дека „тоа што одредени граѓани влегле во Собранието револтирани од нелегалниот обид за избор на претседател на Собрание, од кршењето на Уставот, деловникот, од антидржавните провокации кои ги прави СДС, не може да биде оквалификувано како кривично дело“.

– Единствен грев на овие граѓани е тоа што си ја бранеа државата и националните интереси и се противеа на реализирањето на тиранската платформа. Сè поголем број граѓани јавно кажуваат дека врз нив се врши прогон, без никаква основа. Недозволиво е полицијата да приведува лица кои не сториле никакво кривично дело, им се подметнуваат пријави, а некои се повикуваат дури и за вербален деликт. Дел од лицата, според информациите со кои располагаме, добиле притвор без елементарен доказ. Ова е срамно и одмаздничко однесување кон сопствениот народ и заслужува најостра осуда. Одговорност пред граѓаните има и министерот во МВР, Нухиу, кој не смее да врши притисок врз вработените спротивно на процедурите и на законот да малтретираат и да приведуваат луѓе, недолжни граѓани, бидејќи секој, па и службено лице кое го крши законот одговара за своите постапки – порача Данев.

Тој побара да се гледаат исклучиво фактите и доказите и порача дека партијата ќе бара „најголема одговорност“ доколку се докаже дека макар и еден човек бил приведен без докази. Данев рече и дека институциите наместо да ги „прогонуваат граѓаните“, треба да реагираат на однесувањето на СДСМ.