Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа ветинг за функционерите, а СДСМ и осумте независни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ сè уште немаат став во врска со предлог-законот на ДУИ за ветинг на функционерите, пишува „Порталб.мк“.

Од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека нема услови за ветинг, бидејќи, според нив, „оваа власт е криминална“.

„ВМРО-ДПМНЕ е на ставот дека не може да се спроведе ветинг со ваква криминална влада. Таквиот процес би бил само алиби да се исчисти криминалот на одредени поединци од власта. Сме за ветинг, но кога ќе има услови, да се смени власта, во моментов нема кој да го спроведе ветингот“, вели за „Порталб.мк“, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Од владејачката партија СДСМ, велат дека набргу ќе известат кога ќе имаат партиски став. Групата на осумте независни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ разговарале со ДУИ за ова прашање, но се уште немаат изградено став.

Опозициските партии на Албанците, Алијансата за Албанците и Движењето БЕСА, не се известени за предлог-законот за ветингот најавен од ДУИ, бидејќи партијата на власт не им го доставила.

Демократската унија за интеграција (ДУИ), не го дава на предлог-законот за ветинг на увид за граѓаните да видат што всушност, партијата официјално бара за, како што навеле, процесот на чистење на функционери инкриминирани во криминал.

Во изјава за „Порталб.мк“, координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Алими, вели дека предлогот на законот за ветинг им е распределен на пратеничките групи односно на политичките партии за разгледување.

„Не криеме ништо, тоа е многу транспарентно и сериозно. Поради тоа и ќе биде тема на дискусија на состанокот на лидерите”, рече координаторот на пратеничката група на ДУИ во Собранието, Ејуп Алими.

Според динамиката на работата, според агендата на Собранието, се очекува ова прашање да се дискутира по одморите во август.

„Целта е да се усогласи и да успее. Не е неопходно сите да се согласат, ова е системски закон, а не несериозна работа, и не е целта да се бутка со сила. Целта е благородна и целата меѓународна заедница ја поддржува”, додаде Алими.

Ветингот е процес кој служи за разрешување на јавни службеници кои немаат интегритет во исполнувањето на нивните должности и со тоа да се врати довербата на јавноста во работата на државните институции. Како по правило, процесот на ветинг се врши со контрола на некое лице пред да му биде понудена работа. Во зависност од работното место или проектот, процесот на верификација може да се базира на контрола на вештини, личност, имот или било кој друг фактор поврзан со целта на ветингот.