„Бракот е заедница исклучиво помеѓу еден маж и една жена. Така било, така е и така треба да остане. На Македонија не ѝ требаат експерименти со истополови бракови или посвојување на децата без родители од страна на двојки од ист пол“, изјави денеска пред Собранието Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека без никаква дебата и без никакви аргументи, власта предводена од СДСМ и од ДУИ на јавноста вчера „кукавички ѝ го подметна“ предлогот за легализација на хомосексуалните бракови, кој, според неа, може да биде вовед во идно овозможување на посвојување деца без родители од хомосексуални двојки.

– Ваквите законски измени ги немаа во своите програми ниту СДС, ниту ДУИ и затоа ние цениме дека е подмолно постизборно да се подметнуваат вакви законски решенија. ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против индивидуалните слободи и изразување на сексуалната определба сè додека тоа е во согласност со законите – вели Ласовска.

Таа додаде дека Македонија е традиционално општество, каде се негуваат семејните вредности и дека предлогот на пратеникот од владејачкото мнозинство сам по себе е спротивен на волјата и на ставот на огромното мнозинство граѓани во поглед на истополовите бракови.