Република Македонија нема никаква полза од тоа што министерот за надворешни работи, Никола Димитров, изрази жалење за изјавата на српскиот колега Ивица Дачиќ дека Србија направила грешка признавајќи ја земјава под уставното име, порача ВМРО-ДПМНЕ во утринското соопштение. Партијата ја обвини новата власт дека работи против интересите на Македонија.

„Катастрофалната меѓународна политика на Заев и на Димитров, која има заеднички именител „виткање кичма“, секојдневно ги урива позициите и достоинството на Република Македонија. Секојдневно сме сведоци на бројни изјави на бугарски функционери кои ги напаѓаат јазикот, идентитетот, културата на Република Македонија, а владата на СДС упорно молчи. Од бугарска страна се слави договорот и се потврдува дека Илинденското востание е бугарско, дека со договорот се става крај на македонизмот и дека децата во Македонија конечно ќе учат точна историја откако Заев ќе ги избрише книгите. Граѓаните на Република Македонија имаат право да ја знаат содржината на договорот. Имаат право да знаат какви отстапки Зоран Заев има направено“, се вели во соопштението од опозициската партија.