Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема да прави отстапки од националните идентитетски прашања на евроинтегративниот пат. Од партијата посочуваат дека нема да се откажат од борбата Македонија да стане подобро место за живеење, но по ниедна цена нема да прифатат луѓето повторно да бидат разочарани од отстапките кои се наложуваат на патот кон членството во ЕУ.
Во соопштение до јавноста од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да дозволат национална идеологија да станат омразата и песимизмот кои ги шири опозицијата. Посочувајќи ја борбата на претходните генерации во Илинденското востание и во Втората светска војна и првото заседание на АСНОМ во 1944 година, од партијата велат дека новата генерација политичари тешка обврска и задача земјата да ја направат економски просперитетна и праведна во која луѓето ќе веруваат дека вреди да се остане.
„И оваа битка е подеднакво тешка затоа што освен надвор, борбата треба да ја водиме и дома, затоа што во државата имаме политички гарнитури кои за власт се спремни да распродадат се што останало од националните обележја, тоа што нивните претходници не успеаја да распродадат. И така, чекајќи некој да ги донесе на власт во замена за нови предавства, наместо натпревар со идеи, концепти и предлози, создаваат хистерија, шират лаги, омраза, дефетизам дека оваа држава нема да успее и дека единствениот излез за младите генерации е билет во еден правец“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата ја нападнаа опозицијата за која велат дека не може да и се верува, бидејќи на секој државен успех гледаат со цинизам и омраза нарекувајќи ги предавници и злонамерници кои шират отров.